Средба Блинкен-Лавров околу руско-украинската криза
Состаноците на шефот на американската дипломатија во Киев и Берлин, вклучувајќи го и оној со Трансатлантската четворка во која се вклучени САД, Британија, Франција и Германија, завршија без оптимистички најави за крај на несогласувањата.

Серијата дипломатски обиди за решение на руско-украинската криза неделава завршува во Женева со средба меѓу американскиот државен секретар Ентони Блинкен и рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров. Состаноците на шефот на американската дипломатија во Киев и Берлин, вклучувајќи го и оној со Трансатлантската четворка во која се вклучени САД, Британија, Франција и Германија, завршија без оптимистички најави за крај на несогласувањата. Ниедна страна не отстапува од својата позиција. Кремљ сè уште чека писмен одговор за безбедносните гаранции со кои бара Украина да не стане членка на НАТО. Америка и Алијансата тврдат – секоја земја си го избира сопствениот пат. Вашингтон ќе продолжи да обезбедува воена помош за Украина и го обнови ветувањето за строги санкции против Русија во случај на напад. Казнени мерки најави и Европската унија.
Ние сакаме да го водиме дијалогот. Сакаме конфликтите да се решаваат во телата кои се формирани за таа цел. Но ако се влоши состојбата, ако продолжат нападите врз територијалниот интегритет на Украина, ќе одговориме со големи економски и финансиски санкции. Трансатлантската заедница има цврст став за ова. Европската унија е најголемиот трговски партнер и инвеститор на Русија, изјави Урсула Фон Дер Лајен претседател на Европската комисија.
Војската на терен продолжува да се доопремува со персонал и со опрема. Руската армија презентираше нова подморница и модернизирани тенкови од типот Т-72.Денеска во Индискиот Океан одржува заеднички маневри со Кина и Иран.
