Активни 19.104 ковид- случаи во земјава
Од почетокот на пандемијата досега се направени вкупно 1.727.856 тестирања, дијагностицирани се 250.876 заболени, оздравеа 223.606 пациенти, а починаа 8.166 лица.

Континуирано се зголемува бројот на новозаразени со Ковид-19 во земјава. Според последните податоци се активни 19.104 случаи. Од почетокот на пандемијата досега се направени вкупно 1.727.856 тестирања, дијагностицирани се 250.876 заболени, оздравеа 223.606 пациенти, а починаа 8.166 лица.
Министерот за здравство Беким Сали, околу најавите на промените во Комисијата за заразни болести, вчера нагласи дека тие промени ќе бидат во насока на проширување и дополнување на нејзиниот состав со нови професионални кадри од повеќе области, посочувајќи дека во тек се дискусии за тоа прашање.
Професионалното работење на Комисијата за заразни болести, посочи министерот, е од најголема важност, а одговорот кон потребите на граѓаните врвен приоритет.
Апсолутно го разбирам интересот на јавноста за натамошните чекори поврзани со составот на ова тело, бидејќи околностите бараат засилено и координирано дејствување врз основа на стручни и реалистични проценки. Во оваа Комисија веќе има доста искусни професионалци во своите области, а натамошните чекори ќе подразбираат надградба, усовршување и професионализација. Целта на овие мерки е секако намалување на бројот на заразени лица, како и воопшто заштита на јавното здравје, во најдобар интерес на граѓаните, додаде министерот Сали.
