политика

ИПИС: ВМРО-ДПМНЕ со поголема доверба кај гласачите пред СДСМ

21.01.2022 11:22

Христијан Мицкоски е неприкосновен на врвот со 17,7 насто доверба, а поранешниот лидер на СДСМ и екс-премиер, Зоран Заев, има речиси двојно помала доверба кај гласачите, односно 9,5 насто. Лидерот на ДУИ, Али Ахмети е трет политичар според довербата, и има идентичен процент на доверба 7, како и неговата партија. Со 5,5 насто доверба следи новиот премиер и лидер на социјалдемократите Димитар Ковачевски...

ВМРО-ДПМНЕ и натаму има поголема доверба кај гласачите пред СДСМ од 5 процентни поени, а рејтингот на нејзиниот лидер Мицкоски е за речиси 3 пати повисок од лидерот на СДСМ и премиер Ковачевски. Ова го покажуваат резултатите од анкетата на институтот за политички истражувања-Скопје. На прашањето „за која партија бил гласале доколку следната седмица има парламентарни избори“, 22,5 насто од испитаниците се изјасниле за ВМРО-ДПМНЕ, наспроти 17,9 проценти за СДСМ. ДУИ добила доверба од 7 насто, а другите коалициски партии во власта Алтернатива и Беса по 1,2 односно 1,1 процент.

Алијанса за албанците и Левица уживаат поддршка од 3,5 односно 2,9 насто. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски е неприкосновен на врвот со 17,7 насто доверба, а поранешниот лидер на СДСМ и екс-премиер, Зоран Заев, има речиси двојно помала доверба кај гласачите, односно 9,5 насто. Лидерот на ДУИ, Али Ахмети е трет политичар според довербата, и има идентичен процент на доверба 7, како и неговата партија. Со 5,5 насто доверба следи новиот премиер и лидер на социјалдемократите Димитар Ковачевски. Зијадин Села од Алијанса за албанците со 3,5 и Димитар Апасиев од Левица се со 2,5 насто доверба, Африм Гаши од Алтернатива има 1,4 а Билал Касами од Беса 1,1 процент доверба.

Високи 42,3 проценти од испитаниците негативно одговориле на прашањето „дали со изборот на новата влада сметате дека ќе има подобрување на нејзината работа. 33,3 проценти се оптимисти, а 24,4 немале став или не дале одговор. Речиси идентичен процент од испитаниците не веруваат дека со формирањето на новата влада ќе се надмине политичката криза во земјава. 28,6 насто веруваат дека кабинетот на Ковачевски ќе придонесе за надминување на кризата. Телефонското истражување е спроведено во периодот меѓу 17-ти и 19-ти јануари на 1.124 полнолетни испитаници на ниво на целата држава.

Наташа Г. Петрушевска