Елитно четвртфинале без изразити фаворити!
Домашниот терен не мора да е решавачка предност, традицијата и моменталната форма се релативни, повредите не важат, отсутните не се бројат, во четвртфиналното ниво на Лигата на шампионите нема големи и мали, има само поуспешни. Некогаш тоа не мора да бидат ниту подобрите, туку посреќните. Затоа вечерашните пресметки Пари Сен Жермен – Челзи и Реал Мадрид - Борусија Дортмунд гарантираат врвни возбудувања.

Домашниот терен не мора да е решавачка предност, традицијата и моменталната форма се релативни, повредите не важат, отсутните не се бројат, во четвртфиналното ниво на Лигата на шампионите нема големи и мали, има само поуспешни. Некогаш тоа не мора да бидат ниту подобрите, туку посреќните. Затоа вечерашните пресметки Пари Сен Жермен – Челзи и Реал Мадрид - Борусија Дортмунд гарантираат врвни возбудувања.
Во битката на милијардерите, минатото не ги плаши фудбалерите на ПСЖ. Пред осум сезони во фазата по групи, Челзи исто така со Жозе Мурињо на клупата славеше на „Паркот на принцовите“ со 3:0, додека во Лондон немаше голови. Пред две години пријателскиот дуел во Њујорк заврши 1:1. Во меѓувреме, „сините“ ја покорија и Европа, но францускиот првак сега е поинаква екипа. Парижани дома немаат пораз осум години или 28 европски натпревари, а загубија само еднаш во вкупно 16 елитни мечеви. Предводени од Златан Ибрахимовиќ кој сезонава постигна 40 голови, ПСЖ е во серија од девет триумфи.
Домаќинот ќе биде комплетен, за разлика од Челзи кај којшто ќе недостасуваат повредените Самуел Ето и Ешли Кол, како и Немања Матиќ кој нема право на настап. Екипата од Лондон ја мачи и гостинската форма затоа што на последните шест дуели во сите конкуренции има само една победа.
Двобојот ќе го одбележи и пријателството на Ибра и на „специјалниот“ од времето на Интер. Мурињо подели голем број комплименти за играта на Пари Сен Жермен, додека Швеѓанецот ја цитираше реченицата во својата автобиографска книга кога напиша дека за португалскиот стручњак би го дал и животот. Преносот од натпреварот Пари Сен Жермен – Челзи ќе биде на МРТ1 во 20.45.
Одмаздата е мотивот што ќе преовладува во репризата на ланското полуфинале меѓу Реал Мадрид и Борусија Дортмунд. Деветкратниот европски шампион беше елиминиран затоа што на „Вестфален“ загуби со 4:1, а на „Сантијаго Бернабеу“ славеше само со 2.0. Без разлика што во последните три меча има два пораза, „кралскиот клуб“ сепак е во почетна предност, пред се поради проблемите на „милионерите“.
Роберт Левандовски кој лани со четири гола во Дортмунд беше џелатот на Реал е суспендиран поради жолти картони, додека одамна се повредени Јакуб Блажиковски, Свен Бендер, Невен Суботиќ и Марсел Шмелцер. Во единаесете гостување во Шпанија, Борусија има само една победа, четири нерешени и шест порази, додека Реал во 25-те дуели во Мадрид против германски екипи има позитивен ефект, 19-4-2.
Со Кристијано Роналдо како лидер меѓу стрелците во Лигата на шампионите со 13 гола или вкупно 44 сезонава, Реал нема пораз девет натпревари во елитата и последен пат загуби токму од Борусија пред речиси една година. Марсело, Алваро Арбелоа, Сами Кедира и Хесе се на мадридската листа на повредени.
Тренерот на Реал, Карло Анчелоти смета дека и ослабена Борусија е опасна поради перфектните контранапади, додека предводникот на ланскиот финалист Јирген Клоп потсети дека исто како и лани во овој период неговата екипа е во четвртфиналето на Лигата на шампиони, во полуфиналето на германскиот куп и деке е втора во Бундеслигата.
