Тетовските обвинители сѐ уште го чекаат преводот од германскиот извештај
Обвинителот Бесир Алиу за МТВ вели дека доколку се случи да има наоди кои недостигаат во домашниот извештај или разлики тогаш ќе треба да се ангажираат експерти одново за вештачење бидејќи недозволиво е за ист настан да има два различни извештаи.

Обвинителите од Тетово се надеваат дека в понеделник ќе биде готов преводот на извештајот од германските вештаци за пожарот во тетовската модуларна болница. Откако ќе им стане достапен преводот, тимот обвинители ќе решава за натамошните постапки. Обвинителот Бесир Алиу за МТВ вели дека доколку се случи да има наоди кои недостигаат во домашниот извештај или разлики тогаш ќе треба да се ангажираат експерти одново за вештачење бидејќи недозволиво е за ист настан да има два различни експертизи.
„Доколку се случи да постојат одредени разлики во извештајот од германските експерти во однос на нашиот или доколку се согледа дека во германскиот извештај има докази или постапки кои не се опфатени во домашниот, тогаш веројатно ќе биде потребно дополнително вештачење, бидејќи недозволиво е за еден ист настан да има различни извештаи“, изјави обвинителот Бесир Алиу.
Обвинителот Алиу додава дека дури потоа тимот обвинители ќе одлучи дали и кој дел од извештајот би бил достапен на јавноста.
Извештајот на седум страници на германски јазик пристигна минатиот петок и во понеделникот беше даден на лиценциран преведувач.
Пожарот во модуларната болница од 8-ми септември минататата година, според вештачењето на МВР, настанал како последица на запален продолжен кабел, на кој бил приклучен дефибрилатор-апарат за реанимација, полнач за мобилен телефон и уште еден уред. Според извештајот на техничкиот факултет во Скопје, во изградбата на болницата не била користена соодветна пур-пена. Во несреќата загинаа 14 лица, а болницата беше целосно опожарена.
Фиљана Кока
