Средба Блинкен-Лавров околу руско-украинската криза
И двете страни без оптимизам за конечен компромис. Ниедна страна не отстапува од својата позиција...

Серијата дипломатски обиди за решение на руско-украинската криза неделава завршува во Женева со средба меѓу американскиот државен секретар Ентони Блинкен и рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров. И двете страни без оптимизам за конечен компромис. Ниедна страна не отстапува од својата позиција. Кремљ сè уште чека писмен одговор за безбедносните гаранции со кои бара Украина да не стане членка на НАТО. А Америка и Алијансата тврдат – секоја земја си го избира сопствениот пат.
„Во рамките на европската турнеја, изјавивте дека не очекувате напредок во преговорите. И ние не очекуваме напредок. Но очекуваме конкретни одговори на нашите конкретни предлози во согласност со обврските кои ги прифативме на највисоко ниво во ОБСЕ. Особено принципот на неделивоста на безбедноста и обврската на земјите да не ја зајакнуваат сопствената сигурност на сметка на другите“, изјави Сергеј Лавров, министер за надворешни работи на Русија.
„Ова е клучен момент. Во право сте, ние не очекуваме да ги надминеме разликите денеска овде, но се надевам очекувам дека можеме да провериме дали патот на дипломатијата и дијалогот останува отворен“, изјави Ентони Блинкен, Државен секретар на САД.
Вашингтон ќе продолжи да обезбедува воена помош за Украина и го обнови ветувањето за строги санкции против Русија во случај на напад. Казнени мерки најави и Европската унија.
„Ние сакаме да го водиме дијалогот. Сакаме конфликтите да се решаваат во телата кои се формирани за таа цел. Но, ако се влоши состојбата, ако продолжат нападите врз територијалниот интегритет на Украина, ќе одговориме со големи економски и финансиски санкции“, изјави Урсула фон дер Лајен, претседателот на Европската комисија.
Генералниот секретар на ОН очекува смирување на состојбата.
„Не верувам дека Русија ќе ја нападне Украина, се надевам дека моето мислење е точно. Не ни треба драматична ситуација во тој регион која сигурно би завршила со трагични последици“, изјави генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш.
Војската на терен продолжува да се доопремува со персонал и со оружје. Руската армија презентираше нова подморница и модернизирани тенкови од типот Т-72. Денеска во Индискиот Океан одржува заеднички маневри со Кина и Иран. Во Црно Море и околу Украина се стационираат војници од неколку други земји. Норвешка потпиша договор со кој НАТО ќе користи четири бази во случај на конфликт. Канада распореди 500 војници во Летонија, a Данска одвои 22 милиони евра за да ја поддржи украинската одбрана. Британија му испорача на Киев ракети со краток дострел, а шпански бродови се стационираат во Медитеранот и Црното Море.
Маја С. Филдишев
