Зголемен бројот на заразени во Охридско-струшкиот регион
Празниците придонесоа нагло да се зголеми бројот на заразени лица со Ковид-19 во Охридско-струшкиот регион. За среќа заболените се главно со полесна клиничка слика и за разлика од претходните бранови на пандемијата болничките капацитети се делумно исполнети. Најголемиот број од заразените се од помладата популација која малку или воопшто не ги почитува мерките за заштита од коронавирусот.

По новогодишните празници во охридско-струшкиот регион рапидно се зголеми бројот на инфицираните лица со ковид- 19. Од 1-ви јануари до денес се регистрирани над 1 100 ковид позитивни кои според анкетите се заразиле во текот на предновогодишните и новогодишните прослави или при одбележувањето на верските празници во домашна атмосфера, поради што сега има и семејни кластери.
„Просечно дневно се пријавуваат од 50 до 70 новоинфицирани. Воглавно 80 посто од инфицираните се на возраст од 20 до 40 години, значи млада популација, лица кои се со лесна клиничка слика.ден, два имаат покачена температура 37,5 до 38 со кашлица, меѓутоа доминираат болка во грлото, затнат или течење на нос“, изјави Д-р Јованка Коровешоска началник на одделение за епидемиолошка дејност.
Загрижува тоа што младите не ги почитуваат мерките за заштита од коронавирусот и кријат дека се позитивни.
„Очекувам во наредниот период да имаме зголемување на бројот на заболените затоа што и понатака младите продолжуваат да се дружат во кафеаните, да се гушкаат, не носат маски и многу од младите не ја почитуваат изолацијата. За да ја избегнат изолацијата тие купуваат тестови, се тестираат со рапид тестови од аптека“, изјави Д-р Јованка Коровешоска началник на одделение за епидемиолошка дејност.
Единствено што е охрабрувачки во оваа состојба е тоа што сојот Омикрон не ги преполни капацитетите на инфективното одделение и модуларната болница кои се делумно исполнети за разлика од претходните бранови на пандемијата. Позитивно е вели Коровешоска и тоа што е продолжен зимскиот распуст бидејќи пред нова година имаше голем број инфицирани школски деца.
Сашо Нелоски
