Политика

Негативни реакции кај бугарската опозиција по посетата на Петков во Скопје

21.01.2022 14:45

Според Даниел Митов, поранешен министер за надворешни работи, ентузијазмот на премиерот за решавање на отворените прашања е во спротивност со јавното мислење. Тој должи многу одговори, бидејќи за поголемиот дел од бугарската јавност воопшто не е јасно што всушност се случи во Скопје...

Посетата на премиер Петков во Скопје предизвика негативни реакции кај бугарската опозиција, пренесуваат тамошните медиуми. Според Даниел Митов, поранешен министер за надворешни работи, ентузијазмот на премиерот за решавање на отворените прашања е во спротивност со јавното мислење. Тој должи многу одговори, бидејќи за поголемиот дел од бугарската јавност воопшто не е јасно што всушност се случи во Скопје, вели Митов и додава дека црвените линии се јасни и се поврзани со длабоки историски и политички хипотеки.

„Логиката, ајде пуштете ja Северна Македонија да преговара, па после ќе ги решаваме некои работи е проблематична. Таков беше примерот со Србија. Почнаа со преговори, по што растеше руското влијание во државата“, вели Митов.

Според Митов, премногу брзо се иницирало формирањето на работните групи. Треба да се вметнат бугарите во македонскиот Устав, но тоа го отвора и прашањето за реципроцитет во Бугарија.

Односите меѓу двете земји е тема која ја коментираа двајцата поранешни претседатели - Прванов и Плевнелиев. Според првиот, мора итно да се формира нов концепт на заедничка историја, а според Плевнелиев, на патот кон ЕУ, Скопје мора да се откаже од штетните идеологии.

„Потребно ни е ново читање, многу кратка, многу впечатлива формулација на концепт на заедничка историја“, смета поранешниот претседател Прванов.

„Потребни се реформи во Скопје за да се покаже дека таму се почитуваат европските вредности. Тоа значи откажување од говорот на омраза, кој е европска вредност“, вели Плевнелиев.  

Соработката меѓу македонската и бугарската влада отворено се придвижи и тоа е охрабрувачки и позитивен сигнал, оцени германската министерка за Европа, Ана Лирман.Таа ја повтори пораката која ја пренесе при посетата на Скопје, процесот треба да биде билатерален.

 

Марина Стојанова- Тонева