Енергетска криза

ЕСМ го презема управувањето со парното во Скопје

21.01.2022 15:21

Владата даде виза за склучување на договорот за деловно-техничка соработка, што претставува правна рамка за времено преземање на дејноста на БЕГ. Донесена е и одлука за префрлање на буџетски средства за непречено вршење на дејноста за снабдување на скопјани со топлинска енергија.

Почна временото преземање на БЕГ од државната енергетска компанија ЕСМ. Владата даде виза за склучување на договорот за деловно-техничка соработка, што претставува правна рамка за времено преземање на дејноста на БЕГ. Донесена е и одлука за префрлање на буџетски средства за непречено вршење на дејноста за снабдување на скопјани со топлинска енергија.

„Имајќи ги предвид проекциите што беа претходно направени,освен договорот, ќе се префрлат 6 милиони евра на сметката на ЕСМ со цел да управува со Дистрибуција, Снабдување и Производство кои лиценци моментално ги поседува БЕГ за целата грејна сезона, но истовремено и во делот на плаќање на разликата од реалната до постојната цена на топлинска енергија за цела 2022 година“, изјави министерот за економија, Крешник Бектеши.

Што се однесува до средствата потребни за субвенционирање на работата на топлификацискиот систем Бектеши со појаснување дека сè уште не се знаат конечните бројки затоа што тие зависат од цената на природниот гас во наредните месеци,но тој очекува цената да биде пониска од декемвриската. Министерот за економија потсети дека во буџетот се резервирани вкупно 130 милиони евра за надминување на здравствената и енергетската криза, а 10 беа префрлени на ЕСМ за набавка на јаглен и за купување мазут за рестарт на ТЕЦ-Неготино.

„Можам само да ве информирам дека моментално на депонијата има околу 250.000 тони јаглен за потребите на РЕК-Битола, а пред 3-4 месеци немаше ниту 40.000 тони“, вели Бектеши.

Посебната комисија постојано ја следи кризната состојба во делот на енергетиката, и во делот на топлинската и во делот на електричната енергија, засега снабдувањето е стабилно. ЕСМ испорачува струја според барањата на ЕВН, а со преземањето на БЕГ од страна на ЕСМ парно ќе има до 1 часот по полноќ,најави Бектеши.

Свето Николовски