Македонија

Ниските температури не им штетат на посевите

24.01.2022 09:23

Промената на времето минатата недела со врнежи од снег и формирање на снежна покривка и подолгото задржување на ниските минимални – негативни температури агрометеоролозите ги оценуваат како поволни услови за земјоделството. Ова е особено добро за есенските посеви кои се наоѓаат во фаза на презимување. Во сточарството пак, фармерите треба да преземат посебни мерки за згрижување на животните.

Прогнозите за оваа седмица предвидуваат ниски дневни и утрински температури, кои ќе бидат во граници на издржливост на културите, и според УХМР, земјоделските производители не треба да стравуваат од евентуални штети од мраз или измрзнување.

Ова е период од годината кога има многу малку или воопшто нема работа на отворен простор, со исклучок на пластениците и оранжериите каде што производството е во контролирани услови.

Во сточарството пак, експертите советуваат фармерите да обезбедат храна и вода најмалку за две недели, во количества кои ќе бидат доволни за потребите на добитокот.

Се препорачува дури и да се зголеми хранењето, за да можат животните да ја одржуваат телесната температура. Никако не треба да им се дава смрзната храна и треба да имаат свежа вода за пиење со соодветна температура.

При екстремно ниски температури, со силен ветер и снег, животните треба да се држат затворени во објектите за чување, во шталите, или да им се обезбеди соодветно засолниште. 

Методија Трајков