САД: Можна е руска инвазија во секој момент
По предупредувањата за руска инвазија и Велика Британија почна да го повлекува персоналот од амбасадата во Украина, иако, како што велат, нема конкретна закана за британските дипломати.

Стејт департментот им нареди на семејствата на вработените во американската амбасада во Киев да ја напуштат Украина поради можна руска инвазија. И на несуштинскиот дел од персоналот му е советувано да си замине, како и на сите американски граѓани кои се наоѓаат во Украина.
По предупредувањата за руска инвазија и Велика Британија почна да го повлекува персоналот од амбасадата во Украина, иако, како што велат, нема конкретна закана за британските дипломати.
Брисел, за разлика од Вашингтон и Лондон, сè уште не се решава за таков чекор. Шефот на европската дипломатија, Жозеп Борел, рече дека нема да ги „драматизира“ тензиите, дека ЕУ не гледа причина за такво нешто и оти ќе побараат објаснување од САД за таквиот потег.
„Нема да го правиме истото бидејќи не знаеме никакви конкретни причини. Но американскиот државен секретар Блинкен ќе не информира за тоа. Сите членки на европската унија се обединети. Покажуваме единство за ситуацијата во Украина, со силна координација со САД. Нема проблем со ниедна земја-членка“ изјави Жозеп Борел висок претставник на ЕУ за надворешна политика.
Но, западот е загрижен поради трупањето руска војска на границата со Украина.
„Процесот на одлучување за санкции е сложен. За тоа треба да одлучува советот на предлог на високиот претставник или некоја земја-членка. Ние сакаме да дејствуваме во координација со нашите сојузници. Процесот е во тек“ изјави Жозеп Борел висок претставник на ЕУ за надворешна политика.
Во меѓувреме Украина јасно стави до знаење дека сака да им се приклучи на Европската унија и на НАТО.
„Тоа го разјаснивме уште пред 8 години и е причината поради која русите дојдоа. Но тоа воопшто не не поколеба“ изјави украинскиот амбасадор во Обединетото кралство.
Шефот на НАТО, Столтенберг, предупреди дека постои голем ризик од нов конфликт во Европа, откако Русија распореди над 100.000 војници покрај границата со Украина. Москва постојано негира дека планира напад и ги обвини земјите од НАТО дека ги заоструваат тензиите околу Украина со дезинформации.
Марина Ристова
