Рекорден извоз од слободните економски зони

02.04.2014 20:02

За растот најмногу придонеле Џонсон Мети, Ван Хул, Џонсон Контролс во Штип како и Кемет електроникс кои ги произведуваат клучните македонски извозни производи...

Рекорден извоз на странските компании кои работат во слободните економски зони. Во првиот квартал од годинава вкупниот извоз од зоните бележи зголемување од 95% во споредба со лани. За растот најмногу придонеле Џонсон Мети, Ван Хул, Џонсон Контролс во Штип како и Кемет електроникс кои ги произведуваат клучните македонски извозни производи.

„Со овие бројки сигурно она што беше планирано лани дека годинава ќе имаме зголемување од 50 % може и да се надмине, но ова директно покажува дека има и закрепнување на европската економија оти овие производи се наменети за европските пазари“, вели Виктор Мизо, директор на Дирекцијата за технолошко индустриски развојни зони.

Заклучно со првиот квартал, во зоните работат 2.690 вработени, до крај на годинава се очекува нивниот број да стигне до 4.300. Експертите очекуваат зголемување и на вкупниот извоз од земјава.

„Учиноците кои сега се извезуваат се мултидисциплинарно обоени, односно повеќекратно е надградена основната фаза на производство, значи не се класично лон доработки туку се финални производи кои ја зголемуваат структурата, за разлика од порано кога доминатно беа земјодлеските производи, како што се тутун, некои раноградинарски производи, за разлика од сега кога веќе имаме извоз на индустриски производи“, вели Сашо Кожухаров, универзитетски професор.

Властите најавуваат и нов прилив на странски инвестиции од Германија, САД и Италија. Ако лани извозот од зоните учествуваше со 25% од вкупниот извоз на земјава, проценките се дека до крај на годинава тој износ ќе се зголеми за над 30 отсто.

Соња Јованова- Наумовска