Камила Харис: Топката е на теренот на Владимир Путин
Вашингтон и Брисел единствени во ставовите оти Русија ќе се соочи со силни економски санкции доколку ја премине украинската граница.

Се вжештува состојбата во Украина. Војниците во своите ровови, чекаат на готовс. На фронталната линија на истокот, будно се следи состојбата на другата страна од границата каде што се распоредени околу 100 илјади руски војници.
„Мислам дека Русија не ги почна разговорите за да постигнат договор. Ја сфаќам загриженоста на Европа, но Русија не е заинтересирана за овие разговори, тие имаат свои планови и задачи што треба да ги извршат. Нема да престанат, нема преговарање со нив“ изјави украински војник.
Вашингтон и Брисел единствени во ставовите оти Русија ќе се соочи со силни економски санкции доколку ја премине украинската граница. Ова било договорено на виртуелниот состанок меѓу американскиот претседател Бајден со лидерите на Европската комисија, Советот на Европа, НАТО, Франција, Германија, Италија, Полска и со Велика Британија. Американската потпретседателка Камила Харис решителна-Вашингтон е подготвен да преземе акција доколку Русија ја нападне Украина.
„Ние сме во постојани разговори со нашите сојузници низ целиот свет, особено во Европа. Очекувајте дека Русија ќе го стори истото, но секоја агресивна акција на Владимир Путин ќе биде проследена со тешки последици. Топката е на неговиот терен. Не знаеме што ќе се случи, но ние сме подготвени да преземеме решителна акција доколу дојде до агресија во Украина“ изјави Камила Харис потпретседател на САД
Во Северната алијанса се разработуваат планови за зајакнување на источното крило на НАТО во случај на агресија. Генералниот секретар Столтенберг најавува дополнителни борбени сили на граничните линии. Бродови и авиони се преместуваат во Бугарија, Романија, Полска.
„Размислуваме дополнително да го засилиме нашето присуство во источниот дел на алијансата, ова може да вклучи распоредување на дополнителни борбени групи на НАТО. Распоредувањата се пропорционални и во согласност со меѓународните обврски за зајакнување на европската безбедност“ изјави Јенс Столтенберг генерален секретар на НАТО.
Барањата на Русија се Северната алијанса да ги дислоцира трупите и воената опрема распоредена во делови од источна Европа и инсистира Украина да не влезе во НАТО сојузот. Ги отфрлаат обвинувањата за планирање воена инвазија во Украина. Кремљ и натаму бара од НАТО да не се шири на исток.
Маја Стојанова
