Тесен триумф на МЗТ против Работнички во 119.вечно дерби

76-72 за шампионот во инфаркт-завршница

02.04.2014 20:24

Експертите можеби предвидуваа поубедлива победа, но македонскиот кошаркарски првак МЗТ Скопје Аеродром со екстра напор и многу потешко од очекувањата триумфираше против Работнички со 76-72, во 119-та епизода од нивното вечно ривалство којашто означи крај на првото коло од суперлигашката фаза во домашниот шампионат.

Некогашниот играч на МЗТ Јане Петровски промаши шут за три поени во самиот финиш при негатива 72-74 и пропушти да му го загорчи животот на фаворитот, којшто потоа го заокружи успехот со двете прецизни слободни фрлања на Маринковиќ. Попусто можеше да му биде на актуелниот шампион тоа што водеше во најголем дел од средбата, со исклучок на неколку минути во вториот период. При 36-33 за Работнички, МЗТ со серија од 8-0 се избори за плус пет на полувреме.

Во третата четвртина неговата предност постојано беше околу границата од десет поени и таков тек имаше мечот се до три минути пред крајот. При 70-61 за МЗТ, Работнички постигна шест поени по ред и влезе во инфаркт-завршница. На 49 секунди пред завршниот звук на сирената Шеховиќ погоди тројка за 73-68, но ни таа не му гарантираше успех на неговиот тим. Симоновски и Кнежевиќ се изборија за само два негатива на 14 секунди пред крајот, по што Синовец даде само едно слободно. Сепак, Работнички не ја искористи укажаната шанса преку Петровски, по што следуваше разврската.

Стефан Синовец беше најпрецизен на мечот со 24 поени, Цветковиќ уфрли 16, Гечевски 12, а Шеховиќ 11 во славеничкиот состав. Во редовите на поразениот тим, одлична партија имаше хрватскиот ветеран Бариша Красиќ со 20 постигнати коша, Соколов и Икониќ дадоа по 11, а новото засилување Колмен застана на 10 поени.

По 332 дена исчекување, кошаркарско Скопје доби можност да му се насладува на нов судир меѓу вечните конкуренти во мак-баскетот. За МЗТ ова беше 43-ти успех, а четврти во десетте досегашни пресметки на неутрален терен, за каков што се смета и СЦ „Борис Трајковски“, арената во којашто шампионот игра како домаќин оваа сезона.

Работнички ќе биде домаќин на наредниот меѓусебен дуел во салата „Градски Парк“, во шестото коло од Супер Лигата. Ако најтрофејниот македонски тим ја задржи инспиративноста и во продолжението од сезоната ќе му биде и повеќе од достоен конкурент на МЗТ и во плеј-офот.