Ковид-19

СЗО: Омикрон не е последниот сој на коронавирусот

25.01.2022 15:00

Пријавени случаи на „притаениот Омикрон“ има во повеќе од 40 земји, вклучувајќи ги САД, Индија, Германија и Австралија. Во пораст е и во Норвешка.

Светската здравствена организација вели дека пријавени случаи на „притаениот Омикрон“ има во повеќе од 40 земји, вклучувајќи ги САД, Индија, Германија и Австралија. Во пораст е и во Норвешка.

Варијантата е под научна експертиза, но според првичните резултати, нема разлика во хоспитализацијата и во сериозноста на болеста.

Здравствените власти во Србија го оценуваат сојот Омикрон како поблага варијанта со помал број пациенти кои бараат хоспитализација.

„Видот омикрон на вирусот ковид-19 се шири многу брзо, но можеме да кажеме дека досега предизвикува умерена, блага, ретко тешка клиничка слика кај децата, а тие закрепнуваат за пет до седум дена. Добрата вест е дека само мал број пациенти бараат хоспитализација“ изјави Д-р Снежана Рисовац од Универзитетската детска болница.

Јапонија го стави поголемиот дел од земјата во вонредна состојба и ги продолжи ограничувањата поради ковид-19, по растот на случаи на Омикрон што се закани дека ќе ги наруши основните услуги во болниците и училиштата.

„Решивме да ги заостриме антивирусните мерки во уште 18 префектури, како што е Хокаидо. Ќе стапи на сила на 17 јануари, а ќе заврши на 20 февруари“ изјави Даиширо Јамагива министер за Ковид-19 на Јапонија.

Јужна Кореја забележа повеќе од 8.000 нови инфекции со коронавирус, додека здравствените власти се обидуваат да се справат со напливот предизвикан од многу заразната варијанта на Омикрон.

„Иако бројот на случаи е зголемен, бројот на пациенти во високоризичната група, како оние над 60-годишна возраст и постари, е прилично низок, односно 7,1. Сметаме дека ова е можно поради зголемената стапка на вакцинација во истата група која изнесува 84,9%“ изјави Парк Хјанг висок функционер.

Генералниот директор на светската здравствена организација, Тедрос Гебрејсус, изјави дека би било опасно да се мисли дека екстремно заразниот вид Омикрон е последен што ќе се појави во светот и дека ова е крајот на пандемијата. Омикрон за разлика од другите соеви, има дури 53 мутации, покажаа најновите научни студии.

Марина Ристова