Милошоски: Османи да достави одговори пред Комисијата за надворешна политика
Според претседателот на комисијата Милошоски недозволиво е одговорите на македонската влада да им бидат познати на бугарските пратеници, но не и на македонските народни претставници.

Шефот на дипломатијата Османи доби нова покана, овојпат со писмо да се појави пред собраниската Комисија за надворешна политика за да даде отчет пред пратениците кои се македонските одговори на барањата 5+1 од Бугарија. Според претседателот на комисијата Милошоски недозволиво е одговорите на македонската влада да им бидат познати на бугарските пратеници, но не и на македонските народни претставници.
Првиот човек на комисијата за надворешна политика смета дека ако Османи не се појави и не ги објасни кои се одговорите од македонската страна, ќе се зголемат сомнежите дека нешто се крие од јавноста за разговорите со Бугарија.
Милошоски е подготвен да свика и затворена комисиска седница, доколку тоа го побара шефот на дипломатијата. Османи пак во неколку наврати изјави дека разговорите со Бугарија се транспарентни како и содржината на македонските одговори. Смета дека Милошоски како претседател на комисијата за надворешна политика го кочи именувањето на нови амбасадори.
Во транспарентноста на разговорите со Софија сомнеж неодамна изрази и екс вицепремиерот за европски прашања Димитров, кој вели дека со испратената македонска нота во обединетите нации отстапки прави само Македонија, но не и Бугарија во однос на македонскиот јазик и идентитетот.
Ирина Гелевска
