Украинска криза

Бајден испрати војници на Балтикот и во Источна Европа

26.01.2022 09:50

Бајден претходно постојано повторуваше дека Америка нема да се меша доколку дојде до руски напад врз Украина, но се чини дека тоа нема да биде случај.

Ситуацијата во источна Европа е тензична во момент кога многумина очекуваат руска интервенција во Украина, а тоа го покажува и последната одлука на американскиот претседател Бајден испрати неколку илјади војници, воени бродови и авиони на Балтикот и во источна Европа. Шефот на белата куќа претходно постојано повторуваше дека Америка нема да се меша доколку дојде до руски напад врз Украина, но се чини дека тоа нема да биде случај.

„Постојано зборувавме за фактот дека брзиот, строг и обединет одговор ќе биде без преседан, дека ќе повлече мерки кои намерно ги исклучуваме во минатото, вклучително и во 2014 година, кога Русија последен пат ја нападна Украина“ изјави Нед Прајс портпарол на Стејт департментот.

Американскиот дипломатски персонал во Украина доби наредба да ја напушти земјата, а останаа само оние кои се неопходни за водење дипломатски работи. Бајден не ја исклучува можноста и од санкции лично за рускиот претседател Путин. Германските медиуми пишуваат дека сад ќе го таргетираат рускиот извоз на оружје и енергија и дека можните санкции ќе ја чинат Москва околу 50 милијарди долари.

Секретарката за надворешни работи на Британија, Лиз Трус ја предупреди Русија дека Украина ќе возврати доколку нападне, што ќе резултира со многу сериозни последици за рускиот народ. Рече дека Велика Британија разгледува потенцијални санкции и против „поединци и институции“ во Русија во случај на инвазија.

„Ги разгледуваме санкциите и за поединци и за институции во Русија. Ние бевме во првите редови во снабдувањето на Украина со одбранбено оружје. Обучивме 20.000 украински војници и јасни сме дека украинците би возвратиле ако Русија изврши инвазија“ изјави Лиз Трус секретар за Надворешни работи на Велика Британија.

Еден од највисоките киевски генерали тврди дека руските тенкови и војници за само неколку недели би можеле да ја преминат украинската граница и да предизвикаат конфликти во Европа. Во интервју објавено во британскиот весник Тајмс, генерал-полковник Александар Пављук изјави дека упадот би можел да се изврши во деновите по зимските олимписки игри, кои треба да се одржат во Пекинг следниот месец. 

Марина Ристова