Закани кон Јовески
Наводна терористичка организација во писмо му пишала дека ќе го убие, ако не ослободи од обвинение двајца новинари.

Републичкиот јавен обвинител добил закани по живот за случај кој е затворен без обвинение. Наводна терористичка организација во писмо му пишала дека ќе го убие, ако не ослободи од обвинение двајца новинари.
Љубомир Јовески ослободете ги, веднаш ослободете ги од сите обвиненија бидејќи се невини за какво било злосторство или Љубомир Јовески ќе те убиеме многу брзо. Само го чекаме тој точен момент за да ви го одземеме животот – пишува во заканата.
Во известувањето од обвинителството се појаснува дека постапката за конкретниот кривичен предмет завршила во декември и не е донесена одлука за јавнообвинителско постапување.
Јовески добил препорачана пратка од Битолската пошта, напишана на македонски и на англиски јазик, а заканата, како што се наведува во писмата, е од терористичка организација која се бори и убива за неправда и нејзините членови се подготвени да гинат за целите на организацијата.
Јавниот обвинител на северна Македонија истакнува дека се залудни ваквите закани и во оваа прилика нагласува дека заканите, па дури и да се по живот нема да го поколебаат во примената на законите и во професионалното и одговорно постапување на јавното обвинителство – стои во дописот до медиумите.
Од обвинителството информираат дека пратката е доставена во МВР за да се направат потребните вештачења, да се испита содржината на наводите во писмата и да утврди идентитетот на лицето кое ги напишало.
Од МВР велат дека работат на расчистување на случајот, а за сите информации јавноста навреме ќе биде известена.
Анита Д. Велковска
