Париз и Мадрид – тврдини!
Пари Сен Жермен и Реал Мадрид го искористија домашниот терен за солидна предност по воведните четвртфинални пресметки со ривалите во Лигата на фудбалските шампиони. Борусија Дортмунд е далеку од ланската форма кога го елиминираше кралскиот клуб, а Челзи не успеа да одигра во ист ритам во сите 90 минути на „Паркот на принцовите“.

Во Париз, ПСЖ рано поведе со прекрасниот гол на Лавеци по грешката на Тери. Лондонските сини израмнија преку Азар од пенал во 27-та минута. Решението дојде во второто полувреме, најпрво со автоголот на Луиз по еден час игра, а потоа и со погодокот на Пасторе кој во судиското продолжување направи слалом во одбраната на Челзи за триумф на францускиот клуб со 3-1.
На „Сантијаго Бернабе“ Реал славеше убедливо против Борусија Дортмунд со 3-0. Бејл уште во третата минута ја погоди мрежата на Вајденфелер и најави дека шпанската гордост ќе се одмазди за ланската елиминација од „милионерите“ во полуфиналето. Иско до паузата зголеми на безбедни 2-0, а конечните 3-0 ги постави Роналдо во 57-та минута. За Португалецот, кој го одигра јубилејниот стоти натпревар во Лигата на шампионите, тоа беше 14-ти гол сезонава и му недостасува уште еден за да го достигне рекордот на Меси според погодоците во една натпреварувачка сезона во шампионската конкуренција.
