Промоција на 6-те избрани песни во трка за Евровизија 2022
Песните ќе и бидат претставени на јавноста во специјалното издание на Стисни Плеј вечерва со почеток во 22:00ч, а паралелено ќе бидат и поставени на онлајн платформа каде што јавноста ќе може да ги прегледа и да гласа за својот фаворит.

Врз основа на Конкурсот за избор на национален претставник и композиција за Евровизија објавен во декември минатата година и согласно Правилникот за национален избор на песна и претставник, стручното жири при Македонската Радио Телевизија селектираше 6 современи композиции за кои Македонската Телевизија потоа изготви лирик видеа.
Во оваа форма, песните ќе и бидат претставени на јавноста во специјалното издание на Стисни Плеј вечерва со почеток во 22:00ч, а паралелено ќе бидат и поставени на онлајн платформата https://evrovizija.mrt.com.mk каде што јавноста ќе може да ги прегледа и да гласа за својот фаворит. Платформата за гласање ќе биде отворена седум дена, односно од вечерва 28.01.2022 до петок 04.02.2022 година.
Пејачите во борба за пат до Торино се млади, автентични, талентирани и познати лица за македонската јавност и со огромен ентузијазам му пристапуваат на овој нов евровизиски предизвик. Ris Flower, Кали, Yon Idy, Лара, Виктор и Андреа се избраните пејачи и се подготвени целосно да ве освојат.
Покрај талентот и љубовта кон музиката, сите нив ги обединува и возбудата во пресрет на официјалното соочување на нивните евровизиски теми со публиката.
„Видно возбудена, а сепак спокојна со шарени мисли во главата.“ - вели Кали, а за нејзината песна “Love & Light” опишува дека носи моќна и актуелна порака, која секој од нас треба почесто да си ја повторува — сите ние сме создадени од љубов и светлина, но за среќа треба труд и борба. „Живејте пооптимистички со свртени стрекли од моралниот компас во вистински правец“ - порачува таа.
Виктор Апостоловски ќе ви претстави многу самоуверена тема, насловена “Superman”, a за Евровизија вели дека сонува од дете. „Тоа е сцена која отсекогаш сум сакал да ја освојам и мислам дека Superman носи таков заразен грув што сите ќе ве размрда. Се надевам дека публиката ќе ја почуствува енергијата што сакаме да ја донесеме на сцена, пораката што сакаме да ја пренесеме и ќе вибрира на нашата фрекфенција.“ - вели Виктор.
За “Flower of Sorrow” Лара вели дека со возбуда и нетрпение чека публиката премиерно да ја слушне и истакнува дека и е исклучително важно слушателите да ја почуствуваат емоцијата која песната ја носи.
„Многу ми е мило што песната успеа да влезе во изборот и има реални шанси да биде одбрана за претставничка песна на Евровизија. Ова е прилика што ја чекам долго време и со нетрпение го очекувам резултатот.“ - изјави Јон Ајди. За тематиката на својата песна “Dreams” вели дека е отсликување на една дилема меѓу сонот и тешкотиите во реалноста, но сепак со весела мелодија и се надева дека публиката ќе ја доживее како среќна песна.
Андреа пак не крие дека со денови мисли на моментот кога “Circles” ќе се пушти во етер и кога конечно дојде денот, таа не е возбудена, туку превозбудена. Вели: „Домашната публика сега повеќе ме познава, што значи дека до некаде имаат очекувања, затоа се надевам дека ќе ги достигнам тие очекувања, а можеби и ќе ги надминам. Одвај чекам да видам што мисли публиката за “Circles”.“
Подеднакво возбуден е и Ris Flower кој се натпреварува со песната “Flying to Berlin”. „Со нетрпение го очекувам моментот кога македонската публика ќе ја почуствува огромната енергија и емоција испреплетени во мојата песна. Во целиот тим владее возбудлива атмосфера. Верувам дека пораката која ја носи песната ќе допре до секого.“ - истакнува тој.
Бидете со програмата на Македонската Телевизија вечерва во 22:00ч, гледајте Стисни Плеј и поддржете ја песната која сметате дека најдобро ќе не претстави на Евровизиската сцена во Торино годинава. Победникот ќе го имаме на 04.02.2022. Среќно!