Поволни услови за кроење на виновата лоза
Прогнозираните временски услови што се очекуваат неделава ќе бидат добри за земјоделските култури.

Исклучително студеното време, со поларни утра во текот на минатата недела, некаде дури и до -20 степени не предизвика никакви штети кај земјоделските култури. Постигнатите температури беа во границите на издржливост на растенијата и се вообичаени за овој период, додека трае презимувањето. Ова особено во регионите каде што беше најстудено, но имаше снежна покривка која растенијата дополнително ги штитеше од измрзнување.
Во текот на оваа седмица се очекува стабилизирање и ќе има повеќе сонце, освен првите неколку дена кога е можна повремена облачност со врнежи од дожд или снег, особено утре.
Минималните температури не се очекува да паднат повеќе од -4 или -5 степени, додека дневните ќе се движат во границите од 3-11 степени, што ќе претставува едно мало релаксирање од температурниот шок што ни се случи во изминатиот период.
Се на се, според агрометеоролозите, ваквото време, додека презимуваат, треба да е поволно за културите, а доколку почвените услови дозволуваат, земјоделците да влезат во нивите. Може да се почне и со кроењето на виновата лоза, што е обемна работа и е потребен подолг период за да се заврши навреме.
Методија Трајков
