Најмалку четворица мртви во вооружен напад на воена база во Тексас
Најмалку 4 загинати и 16 потешко и полесно ранети е билансот од последниот вооружен напад врз воената база Форт Худ во американската сојузна држава Тексас...

Според првичните сознанија меѓу загинатите е и напаѓачот којшто отворил оган врз своите колеги војници.
Според Командантот на базата Форт Худ, Генерал-Полковник Мајк Малеј, напаѓачот бил војник којшто пукал во медицинската единица во базата и се застрелал самиот по нападот.
Најголемата американска воена база во која живеат околу 90 илјади војници и членови на нивните семејства, беше затворена неколку часови додека надлежните полициски и воени служби ги пребаруваа објектите во базата. ФБИ, АТФ и воената полиција истражуваат кој е мотивот за последниот смртоносен напад врз воена база во САД.
Не се исклучува можноста за терористички напад врз војниците коишто само пред неколку денови се вратија од последната мисија во Авганистан.
Овој инцидент се случува по втор пат во истата база во последниве 5 години. Претходно напаѓач уби 13 војници како освета на интервенцијата во Авганистан против Талибанците.
Ирина Гелевска, постојан дописник на МРТ од Вашингтон
