Азески: За образование е потребно да се издвојуваат пет отсто од буџетот
Компаниите имаат големи проблеми да стигнат до стручен кадар, на најголем дел од луѓето коишто се долгорочно невработени им недостигаат потребните вештини.

Без пари нема реформи и квалитетно образование. Потребно е етапно да се зголемат средствата за образование од сегашните 3,2 на пет проценти, повика првиот човек на Стопанската комора. Компаниите имаат големи проблеми да стигнат до стручен кадар, на најголем дел од луѓето коишто се долгорочно невработени им недостигаат потребните вештини. Азески оцени дека проблемот може да се реши само преку реформи во образованието за што, пак, е неопходен стабилен и одржлив систем на финансирање.
Спас се бара во дуалното образование, во коешто се вклучија над 200 компании, за разлика од лани кога беа само десетина. Расте и бројот на запишани ученици во стручно образование. Домашни компании добија грант од над 3 милиони евра за да го продолжат дуалниот модел на образование со седум стручни училишта и еден факултет.
Кон крајот на февруари ќе има и втор повик, за сите оние коишто ќе сакаат да аплицираат за оваа програма.
Од германската банка за развој посочија дека е клучно младите да ги добијат потребните вештини.
Александра Спировска
