САД го намалува воениот буџет

03.04.2014 09:44

Администрацијата во Белата куќа се повеќе го намалува воениот буџет и планира целосно повлекување на американските воени сили од мисии во странство до крајот на 2014-та. Воените команданти предупредуваат дека Соединетите Американски држави не смеат да ги повторат истите грешки како во Ирак и дека светот се уште останува многу опасен

Не смееме да ја повториме истата грешка во Авганистан како во Ирак, по целосното повлекување земјата повторно да стане рај за терористи, изјави Командантот на американските маринци, Генерал Џејмс Амос. Со намалувањето на буџетот за 2015-та, ќе се намали и бројот на маринците на 175 илјади припадници, со што се загрозува подготвеноста, модернизацијата и обуката на оваа елитна единица.

„По завршувањето на борвените операции во Авганистан на крајот од оваа година, и со оглед на нашата фискална реалност, маринците нема да прават помалку со помалите средства како што некои веруваат. Ќе правиме повеќе со помалку пари бидејќи светот останува се уште многу опасен“, изјави Генерал Џејмс Амос-Командант на маринскиот кор.

Поранешниот Командант на НАТО за Европа, Генерал Џејмс Џонс предупреди дека светот се уште е нестабилен и намалувањето на американското воено присуство носи опасност од ширеше на конфликтите.

„Во време кога светот е нестабилен во повеќе делови и кога не може да се предвидат настаните, се уште има хаос и затоа многу е важно да имаме воени сили со можност за флексибилност“, вели Генерал Џејмс Џонс-поранешен Командант на НАТО за Европа.

Во наредните десет години, според Командантот на маринците предизвици ќе биде ситуацијата во Јужен Судан, компјутерските напади и можноста за брза интервенција во делови од светот каде со мерките за штедење донесени од американскиот Претседател Барак Обама нема распоредени маринци.

Намалувањето на воениот буџет, според Командантот на маринците Генерал Амос ќе предизвика во иднана да нема ротација на силите што ќе интервенираат.

 

Ирина Гелевска, постојан дописник на МРТ од Вашингтон