Македонија

Прв состанок на македонско - бугарската Работна група за економија, трговија и иновации

31.01.2022 15:06

Работната група ги разгледува можностите за привлекување инвестиции, финансирањето проекти, зголемувањето на трговската размена.

По првата меѓувладина седница во Софија, почнаа средбите на работните групи за продлабочување на соработката со соседна Бугарија. Прв на дводневен состанок, тимот за економија, трговија и иновации којшто заседава во Скопје. Работната група ги разгледува можностите за привлекување инвестиции, финансирањето проекти, зголемувањето на трговската размена.

Премиерот Ковачевски вели – внесена е нова динамика во односите со Софија што треба да вроди со плод. Тој, како и шефот на дипломатијата Османи посочува дека засега сè меѓу двете страни е во фаза на работни документи, а кога ќе се стигне до решение, тогаш тоа ќе биде комуницирано согласно процедурите, законите, Уставот.

Кон крајот на месецов, средба треба да има и Историската комисија. Копретседавачот од бугарска страна, Ангел Димитров обвини дека нашата земја е кочничар во дијалогот и оти работата е заглавена кај средниот век во материјалите за основно образование.

Копретседавачот од македонска страна Ѓоргиев одговори - не бегаме од заедничката историја, но не ја гледаме на ист начин. Историчарот не очекува да има придвижување на работите кога едната страна ја обвинува другата дека не сака да ја прифати апсолутната вистина на првата страна.

Анита Д. Велковска