Балоски: Вакцините ја изгубија силата во однос на заразувањето, но штитат од компликации
Последиците можат да се појават по стивнување на инфекцијата, но и по неколку месеци од прележување.

Граѓаните да не го потценуваат Ковид – 19, оние што вирусот го поминале лесно, можат да завршат во болница лекувајќи ги последиците што короната ги предзвикала. Белите дробови, срцето, мозокот, црниот дроб, панкреасот, бубрезите, се органите кои може да имаат сериозни оштетувања. Доктор Балоски, во амбуланта во ГОБ „8 септември“ и на одделот се грижи за овие пациенти. Вели, возраста е најразлична, имаат пациенти и од дваесетина години. Последиците можат да се појават по стивнување на инфекцијата, но и по неколку месеци од прележување. Болеста зафаќа многу органи и органски системи.
Доктор Балоски, вели вакцините ја изгубија силата во однос на заразувањето, но штитат од тешки компликации кои тие постојано ги гледаат.
Според статистиката минатите седум дена секој трет тестиран бил заразен.
За една недела пријавени се 148 смртни случаи, покажуваат податоците на институт за јавно здравје.
Владата одлучи, решенијата за лицата кои треба да бидат во изолација ќе се објавуваат на веб страницата на државниот санитарен и здравствен инспекторат и дополнително во службен весник во најбрз можен рок. Оваа измена се воведува поради зголемениот број граѓани за кои се определува мерката изолација и поради намалениот број денови за изолација, а со цел брз проток на информациите.
Наташа Ј. Менковски
