Македонија

Столтенберг: Ние сме посветени да најдеме политичко решение за кризата, но мора да бидеме подготвени за најлошото

03.02.2022 11:32

Премиерот Ковачевски во седиштето на НАТО во Брисел посочи дека Северна Македонија стои цврсто зад одлуките на НАТО за кризата околу Украина.

Сојузниците стојат заедно и се бранат меѓусебно, порачаа генералниот секретар на НАТО Столтенберг и премиерот Ковачевски по средбата во Брисел. Првата посета на премиерот на седиштето на алијансата искористена да се констатира дека две години по полноправното членство, земјава стана важен сојузник што придонесува за стабилноста на регионот и со учество во мисијата КФОР. Неминовно разговарано и за руското воено присуство на границите со Украина, но и дополнителните руски сили во Белорусија. Повторно е упатен повик за дијалог со Москва за намалување на тензиите.

„НАТО продолжува да ја повикува Русија да ја намали тензијата. Секоја натамошна руска агресија ќе има сериозни последици и ќе плати скапа цена. Нато е подготвен да учествува во суштински дијалог и веќе ги доставивме на писмено нашите предлози на Русија. Сојузниците се подготвени да разговараат за односите меѓу НАТО и Русија, како да ги намалиме ризиците, да ја зголемиме транспарентноста, контролата и неширење на оружјето и разоружување. Но НАТО нема да прави компромиси за клучните принципи. Правото на секоја нација да го избере својот пат и способноста на НАТО да ги штити и брани сите сојузници. Ние сме посветени да најдеме политичко решение за кризата, но мора да бидеме подготвени за најлошото“, изјави Јенс Столтенберг

Премиерот Ковачевски во седиштето на НАТО во Брисел посочи дека Северна Македонија стои цврсто зад одлуките на НАТО за кризата околу Украина.

„Разговаравме за ситуацијата во и околу Украина, што е закана за европската и меѓународната безбедност. Како НАТО сојузник се придружуваме кон повикот до Русија за намалување на тензијата и дипломатски дијалог. Стоиме зад предлозите на НАТО за тематски состаноци со Русија за состојбата на односите, европската безбедност со фокус на Украина и транспарентноста, намалување на ризиците и контрола на вооружувањето. Целосно го поддржуваме суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина во меѓународно признатите граници“, изјави Димитар Ковачевски

НАТО веќе ја зголеми подготвеноста на НАТО сили за брз одговор и разгледува планови за дополнително распоредување на силите во југоисточна Европа.

Ирина Гелевска