Македонија

Захариева: Фокусот на Македонија не е да почне преговори со ЕУ, туку бугарските барања да не влезат во преговарачката рамка.

03.02.2022 12:17

Исполнувањето на договорот во којшто има фундаментални човекови права исто така треба да биде дел од преговарачката рамка.

Во интерес на Бугарија е Македонија да се реформира, а договорот за добрососедство, да стане дел од преговарачката рамка, вели ексминистерката за надворешни работи Екатерина Захариева. Според неа фокусот на Македонија не бил да почне преговори со ЕУ, туку бугарските барања да не влезат во преговарачката рамка. Ја предупреди актуелната бугарска влада да биде повнимателна во очекувањата во однос на Македонија.

„Фокусот на Скопје беше, не да започнат преговорите со ЕУ, туку да не се вклучат бугарските барања во преговарачката рамка. Да го направат прашањето билатерално. Но, тоа не е само билатерално, туку е европско. Со Република Северна Македонија имаме нерешени билатерални прашања и според Скопје, тие прашања се билатерални и за нив нема место во преговарачката рамка. Напротив. Правото на самоопределување е европска вредност, тоа е човеково право. Исполнувањето на договорот во којшто има фундаментални човекови права исто така треба да биде дел од преговарачката рамка. Мојот апел до министерката Генчовска е: „Не ја заборавајте преговарачката рамка“, вели Захариева поранешен министер за надворешни работи на Бугарија.

Во однос на Република Северна Македонија, министерството за надворешни работи строго ќе го почитува мандатот на Советот на министри, декларацијата на народното собрание и договорот за добрососедство и пријателство. Никогаш нема да отстапиме од рамковниот став-вели шефицата на бугарската дипломатија. Генчовска посочи дека продолжуваат да се надоврзуваат на она што е постигнато досега.

„Има континуитет од страна на МНР. Надградуваме на постигнатото, има позитивизам. Во директен контакт сме со министерот за надворешни работи Бујар Османи. Тимот од МНР е во директен контакт на стручно ниво. Колегите од македонското МНР ќе дојдат овде на 10-ти и 11 -ти да одржат експертски разговори за политичкиот пакет 1 + 4. До министерскиот совет доставив предлог мандат да го браниме. Тоа никако не отстапува од досегашните рамковни позиции, декларации на народното собрание и пред сè почитување на договорот за пријателство и добрососедство“, изјави Теодора Генчовска министер за надворешни работи на Бугарија.

Деновиве во Бугарија разногласие меѓу претседателот и премиерот за комуникацијата со Македонија. Радев посетата на Петков во Скопје ја оцени како избрзана, Петков пак му возврати-таа доцнеше 30 години.

Наташа Г. Петрушевска