Северна Македонија и Албанија треба да ги почнат преговорите со ЕУ без одложување
Вицепремиерот Маричиќ и министерот за надворешни Османи, на средбата со државниот секретар за европски прашања во француското МНР Клемен Бон, информирале за новата политичка клима меѓу двете нови влади во Македонија и Бугарија.

Официјален Париз со јасни пораки за поддршка на македонските евроинтеграции, од наша страна пак подготвеност за старт на преговорите. Вицепремиерот Маричиќ и министерот за надворешни Османи, на средбата со државниот секретар за европски прашања во француското МНР Клемен Бон, информирале за новата политичка клима меѓу двете нови влади во Македонија и Бугарија и посветеноста да се постигне напредок. Заеднички заклучок-Македонија и Албанија треба да ги почнат преговорите со ЕУ без одложувања. Резултати од дијалогот со Софија и изнаоѓање решение, врз основа на европските вредности.
„Се разбира секако, да се зачува фокусот на европската унија кон Западен Балкан, но исто така, да се чува Западен Балкан на „шините“ на правилата и вредностите на унијата. Северна Македонија е подготвена да испорача резултати и ја очекуваме француската поддршка во нашите реформи“, изјави Бојан Маричиќ вицепремиер за евроинтеграции.
„Нашата позиција е јасна-ние силно ја поддржуваме конференцијата за иднината на Европа, особено во контекст и на новата методологија за преговарање, која ја сметаме и за еден успешен предвесник на целиот процес“, изјави Бујар Османи министер за надворешни работи.
Париз верува дека постои добра волја во дискусиите меѓу Софија и Скопје, но и во Европската Унија. Конкретни резултати се очекуваат следните недели.
„Се надевам дека во наредните недели, во наредните месеци ќе можеме да ја надминеме оваа етапа за отворање на дискусиите околу преговарачката рамка што беше предложена пред неколку месеци, бидејќи е многу важно за стабилноста и просперитетот на регионот на Западен Балкан и на Европската унија, воопшто“, изјави Клеман Бон државен секретар за европски прашања на Франција.
Франција како претседавач со Унијата во јуни ќе организира посебна Конференција за Западен Балкан. Маричиќ и Османи со јавна покана до државниот секретар Бон да ја посети Македонија.
Милчо Велески
