Украинска криза

Путин се сретна со Си Џинпинг во Пекинг

04.02.2022 14:39

Двајцата претседатели го осудија формирањето безбедносни блокови во азиско-пацифичкиот регион.

Соочени со притисокот од западот, Русија и кина со заеднички став против ширењето на НАТО во источна Европа. Пред почетокот на Зимските олимписки игри во Пекинг, рускиот претседател Путин се сретна со кинескиот колега Си Џинпинг. Двајцата лидери со заедничка изјава – западот да се откаже од студената војна. Двајцата претседатели го осудија формирањето безбедносни блокови во азиско-пацифичкиот регион и трилатералниот безбедносен пакт АУКУС меѓу САД, Обединетото кралство и Австралија. Меѓудругото, Москва го поддржува цврстиот став на Кина дека Тајван не треба да добие независност.

„Што се однесува до нашите билатерални односи, тие се без преседан и се развиваат на прогресивен начин со духот на пријателство и стратешко партнерство“, изјави Владимир Путин.

Вчера Вашингтон го обвини Кремљ дека подготвува заговор за лажен напад на украинските сили со што Русија би го искористила како изговор за преземање воена акција. Русија негира дека планира офанзива.

„Од САД имаме информации дека Москва подготвува лажна видеоснимка на која би се видел нападот на територијата со што Русија би ја оправдала својата инвазија“, вели Дмитро Кулеба министер за надворешни работи на Украина.

Европската унија најави пакет санкции за Русија доколку продолжи со агресијата врз Украина. Претседателката на европската комисија фон дер Лајен вели дека во санкциите е вклучен и гасоводот северен тек 2. со санкции се заканија и САД.

„Мислам дека санкциите треба да бидат многу посилни отколку што беа, затоа што зборуваме за инвазија на земја. Земјите на НАТО се изложени на ризик ако русите успеат во Украина“, вели Ненси Пелоси.

И за кина може да има санкции. Сад со предупредување кинезите да не им помагаат на русите. Портпаролот на стејт департментот Нед Прајс изјави дека Вашингтон има низа алатки за справување со странски компании, вклучително и кинеските кои ќе одбиваат да ги почитуваат американските санкции кон Русија.

Маријана Димовска