Прилеп ќе биде домаќин на најголемиот болдеринг натпревар во светот
Болдерингот е спорт каде натпреварувачите се искачуваат на помали карпи, без никаква опрема. На сличен ваков натпревар кој е насловен како „Крали Марко рок маратон“ Прилеп ќе биде домаќин и овој викенд, каде над 250 учесници од повеќе Европски држави ќе се искачуваат на карпите кај манастирот Трескавец...

Овој септември Прилеп ќе биде домаќин на најголемиот болдеринг натпревар кој се случува во светот. Манифестацијата ќе трае 40 денови, а ќе биде организирана во неколку Балкански држави. Од тие 40 денови во Прилеп натпреварот ќе трае 4 дена, а во градот ќе бидат присутни над 1.000 болдеристи кои ќе се искачуваат на карпите на неколку локалитети околу Прилеп. За таа цел тука веќе се присутни и претставници на компанијата за спортска опрема „Петсел“ кои го скенираат регионот.
„Ние ги истражуваме помалку познатите предели во светот кои нудат големи потенцијали, еден од нив е и Прилеп. Тука сме со цел да снимиме филм кој потоа ќе се употреби за презентација на Прилеп како реклама, а потоа ќе организираме и камп во септември“, рече Ерван Роланд, претставник на фирмата „Петсел“.
Главен организатор на манифестацијата е Општина Прилеп. Инаку болдерингот е спорт каде натпреварувачите се искачуваат на помали карпи, без никаква опрема. На сличен ваков натпревар кој е насловен како „Крали Марко рок маратон“ Прилеп ќе биде домаќин и овој викенд, каде над 250 учесници од повеќе Европски држави ќе се искачуваат на карпите кај манастирот Трескавец.
„Планираме да доделиме награда за оние кои ќе направат најдобар болдер проблем. Значи постојат карпите, но тие не се исчистени, треба да се најдат такви карпи, да се види дали воопшто може да се искачи некој на нив и потоа тоа искачување се оценува. Стално не се оценува тоа дали некој успеал да се искачи на карпата туку тој што има најубава елеганција во движењето кога се искачува, тоа е како балет но само изведен на карпа“ изјави Михајло Мотески, спортско-качувачка федерација на Македонија.
Со сите овие активности, болдерингот, параглајдерството, мото крос натпреварите, Прилеп полека станува центар за развој на екстремните спортови во регионов.
Дарко Штаргоски
