Путин: Ако Украина се приклучи на НАТО и се обиде насила да го врати Крим,ќе има воен конфликт
Русија и натаму демантира дека планира воена инвазија на украинска територија, иако постојано распоредува воени трупи на границата со Украина.

Оптимизам по разговорите меѓу францускиот и рускиот претседател. Макрон и Путин најавија напредок во решавањето на украинската криза. Шефот на руската држава сепак дециден – Европа може да биде вовлечена во голем конфликт доколку Украина се приклучи кон НАТО или се обиде насила да го заземе Крим. Макрон истакна дека наредните денови ќе бидат клучни за намалување на тензиите на руско-украинската граница. Денеска Макрон во Киев на разговори со украинскиот претседател Зеленски.
„Има допирни точки меѓу позициите на Франција и Русија, НАТО, сад – ќе продолжиме со преговори со сите партнери со цел да се изградат нови гаранции за мир и безбедност“, вели Макрон
„Доколку Украина се приклучи на НАТО и се обиде да го врати Крим со воени средства, европските држави автоматски ќе бидат вовлечени во воен конфликт со Русија. Се разбира потенцијалот на НАТО и Русија е неспоредлив. Ние го разбираме тоа, но исто така треба да се разбере дека Русија е една од водечките нуклеарни сили, а во некои компоненти, во однос на модерните работи, ние сме дури и многу пред другите“, изјави Путин
Украинската криза во фокусот на разговорите и меѓу американскиот претседател Бајден со германскиот канцелар Шолц. Порачаа дека се единствени во одвраќањето на руската агресија во Европа. Најавија строги санкции кон Русија. Бајден упати предупредување до Путин – северниот тек 2 ќе биде запрен доколу дојде до руска инвазија во Украина.
„Германија е еден од најблиските сојузници на Америка. Работи за дополнително одвраќање на руската агресија во Европа, да одговори на предизвиците што ги поставува Кина, како и да промовира стабилност на Западен Балкан“, изјави Бајден
„Сакам да бидеме потполно јасни интензивно се подготвуваме за воведување санкции доколу дојде до воена агресија во Украина. Неопходно е ова однапред да го направиме за да и ставиме јасно до знаење на Русија дека тоа ќе бидат далекусежни и строги мерки“, изјави Шолц
Русија и натаму демантира дека планира воена инвазија на украинска територија, иако постојано распоредува воени трупи на границата со Украина. Викендов дополнително беа подигнати тензиите откако руски воени авиони беа распоредени во Белорусија, а подоцна сад испратија засилени воени трупи во полска и во Романија.
Маја Стојанова
