Македонија

ДКСК: Ретки се партиите што ги откриваат своите донатори

08.02.2022 14:30

Антикорупционерите ги анализираа се почестите измени на изборниот законик непосредно пред изборите последните 10 години. Меѓу многуте констатации е дека не е регулиран начинот на распределба на рекламирање преку радиодифузери и билборди што претставува коруптивен ризик за уцени меѓу политичките партнери со што почнува кругот на политичка корупција.Порачуваат изборниот законик да се занимава само со изборниот процес сè друго да се вгради во законот за финансирање на партиите. Комисијата би можела да биде институцијата одговорна за мониторирање во реално време.

Кругот на политичката корупција настанува поради нерегулираниот начин на распределба на рекламирањето. Тоа е коруптивен ризик за уцени, ветувања и други односи меѓу политичките партнери, утврдиле во својата анализа антикорупционерите.

Ризик фактор е и тоа што нема една институција надлежна да мониторира во реално време за предвремено почнатите кампањи на партиите, рекламите на порталите, донации без покритија. Како пример се наведуваат невработени донатори без примања, донации за кои не се знаат изворите, вбризгани милиони евра во партиско рекламирање и други неправилности.

Поради тоа комисијата препорачува-одредбите кои се однесуваат на активности поврзани со регулирање на изборната кампања, финансирањето, рекламирањето и известувањето да се исклучат од изборниот законик и да се вградат во законот за финансирање на политичките партии. Предлагаат изборниот законик целосно да биде отворен а не парцијално

Антикорупционерите предлагаат редефинирање на забраните од членот 8-а како и можност за нивно разграничување во зависност од изборите кои се спроведуваат со цел намалување на ризиците од коруптивни и клиентелистички влијанија и уцени на гласачкото тело. Да се редефинираат износите на донации кои донаторите може да ги уплатат на редовните сметки на партиите и на оние за изборите. Бидејќи нетранспарентноста и необјавувањето на извештаите на политичките партии е резултат на непостоењето надлежна инситуција за мониторинг во реално време комисијата предлага таа да биде номинирана.

Фиљана Кока