Украинска криза

Франција,Полска и Германија ја повикаа Русија да ја деескалира ситуацијата на украинската граница

09.02.2022 11:29

Уште едно нарушување на територијалниот интегритет и суверенитет на Украина е неприфатливо и би довело до последици за Русија, политички, економски и сигурно и геостратешки.

Челниците на ЕУ треба да постигнат голем број суштински цели, а првата од нив е да се избегне војна. По посетата на Русија и Украина, францускиот претседател Макрон на разговори во Берлин. Франција, Германија и Полска ја повикаа Русија да ја деескалира ситуацијата на украинската граница. Европските лидери не отстапуваат во намерите да ги зајакнат мировните преговори.

„Ќе продолжиме да дејствуваме со едноставни цели. Првата е да се избегне војна. Второ, постојано да го браниме единството на европејците и НАТО сојузниците. Трето, да го почитуваме и браниме суверенитетот, територијалниот интегритет и почитувањето на нашите вредности дефинирани во нашите повелби“, изјави Емануел Макрон

„Наше е и да го гарантираме меѓународното право и да го заштитиме националниот интегритет на оние земји кои не се членки на ЕУ или НАТО. Сепак тие се наши сојузници“, вели Анджеј Дуда

Канцеларот Шолц претходно се состана со американскиот претседател Бајден во Вашингтон. Беше констатирано дека САД и ЕУ се заедно во кризата и подготвени се санкции во случај на конфликт. Истото беше потврдено и на пресконференцијта во Берлин.

„Нашата заедничка цел е да спречиме војна во Европа. Распоредувањето на руските војници долж украинската граница е многу загрижувачко. Уште едно нарушување на територијалниот интегритет и суверенитет на Украина е неприфатливо и би довело до последици за Русија, политички, економски и сигурно и геостратешки“, изјави Олаф Шолц

И додека западот ја обвинува Русија дека подготвува инвазија во Украина, Москва и натаму ги отфрла тврдењата. Во меѓувреме Киев бара нови санкции за Русија. Од украинското МНР велат дека Москва ги прекршила договорите од Минск. Со санкции се закани и Европската комисија и САД.

Маријана Димовска