Петков телефонски разговарал со Ковачевски во врска со двата инциденти во Скопје и Битола
Премиерот Ковачевски вели дека министерствата за надворешни работи на двете земји се посветени на продолжување на преговорите.

Ковачевски и Петков имале телефонски разговор, на барање на бугарскиот премиер. Првиот човек на владата во Софија барал од македонскиот колега од прва рака да се информира за последните настани коишто се заканија да ги загрозат односите меѓу двете страни – првиот инцидент на гробот на Гоце Делчев, каде што биле искинати ленти на венците оставени од бугарските делегации и за искршените стакла во Битола на киоск во сопственост на секретарот на бугарскиот културен центар, за што подоцна се утврди дека станува збор за нерасчистени семејни односи.
Премиерот Ковачевски вели дека министерствата за надворешни работи на двете земји се посветени на продолжување на преговорите.
Следниве денови во Софија ќе се разговара на експертско ниво за отворени прашања, а доколку се постигне договор, прифатлив и за двете страни, тогаш двете министерства ќе ја информираат јавноста.
И другите работни групи продолжуваат со состаноците – четирипати во месецот ќе се среќаваат за да разговараат за прашања од инфраструктурата, образованието, културата, евроинтеграциите. Историската комисија нова средба треба да има на 28 февруари.
