Македонија

УПОЗ: Синдикатот бара скалесто усогласување на платите со зголемениот минималец, во спротивно ќе има штрајк

09.02.2022 13:55

Од УПОЗ укажуваат дека вработените се плашат да тужат затоа што им се закануваат со дисциплински и со откази,а УЈП дозволува да минуваат списоци со плати на административци пониски од минималната иако тоа е спротивно со законот.

Синдикатот на УПОЗ бара истовремено со измените во законот за минимална плата во Собранието по скратена постапка да се направат измени и во посебните закони што ги регулираат платите на вработените во администрацијата и правосудството, при што вредноста на минималната плата да биде земена како основна плата, а сите вработени да имаат одредени бодови за ниво.

„ На овој начин ниту еден вработен во администрацијата не би бил на минимална плата и за првпат во историјата ќе имаме усогласување на платите со минималната плата во администрацијата и правосудството“, изјави Трпе Деаноски претседател на УПОЗ

Во спротивно дури четири категории вработени ќе имаат иста плата со минималецот, вели Деаноски.

„Досега вработените во администрацијата и правосудството се единствените што скоро 2 години 2 категории добиваат плата под минималната плата, а тоа се помладите референти кои сè уште добиваат плата 14.500 денари иако минималната е 15.194 денари и референтите кои сè уште добиваат плата 14.908 денари иако минималната плата е 15.194“, вели Деаноски

Од УПОЗ укажуваат дека вработените се плашат да тужат затоа што им се закануваат со дисциплински и со откази,а УЈП дозволува да минуваат списоци со плати на административци пониски од минималната иако тоа е спротивно со законот. Затоа синдикатот бара скалесто усогласување на платите со зголемениот минималец од 18 илјади денари вели Деаноски, во спротивно се заканија со протести и со штрајк.

И Независниот академски синдикат со став дека треба да се зголемат и другите плати согласно Колективните договори. Покачувањето на минималецот треба да се одрази и на висината на останатите плати во јавниот сектор, чиј коефициент е врзан со минималната, но и со просечната плата, се вели во соопштението на Независниот академски синдикат.

Свето Николовски