Казни до 9.000 евра за нелиценциран софтвер
03.04.2014 11:36
Значаен е и ангажманот на државните органи и улогата на надлежните судови за почитување и спроведување на заштитата на авторските права и правата од интелектуална сопственост...

Се засилува борбата против пиратеријата во Македонија. Компаниите кај кои ќе се потврди дека користат нелиценциран софтвер им се одзема опремата и се задолжени да исплатат и надомест на штета во вредност до 9.000 евра, во зависност од количината и видот на нелиценцираниот софтвер што го користеле. Се случува да добијат и условни затворски казни.
Од Координативното тело за интелектуална сопственост на Република Македонија соопштуваат дека по засилените мерки во борбата против софтверската пиратерија, значаен е и ангажманот на државните органи и улогата на надлежните судови за почитување и спроведување на заштитата на авторските права и правата од интелектуална сопственост.
„Особено сакам да ја изразам својата благодарност до претставниците на државните органи на Република Македонија кои партиципираат во Координативното тело за интелектуална сопственост. Особено радува фактот што надлежните судови во Република Македонија, постапуваат по нашите пријави против сторителите на казниви дела и сега дојдовме и до судски завршници и високи казни за оние кои не го почитуваат законот“, изјави Мите Костов, претседател на Координативното тело за интелектуална сопственост на Република Македонија.
Надлежните велат дека нелегалниот софтвер претставува огромен ризик за потрошувачите. Фалсификуваните копии ги изложуваат корисниците на вируси кои можат брзо да заразат цели мрежи и заедници, а злонамерните софтвери да ги загрозат приватните податоци и да доведат до кражба на идентитет.
Софтверската пиратерија предизвикува намалување на даноците и губење на работните места, делува дестимулативно на инвестициите, и генерално има длабоки негативни импликации за милиони луѓе низ целиот свет.
