Македонија

Пратениците ја изгласаа потребата од носење на Предлог - законот за минимална плата

10.02.2022 13:37

Социјалниот дијалог во нашето општество е реалност, а потврда за тоа е дека најважните одлуки ги носиме заеднички и во интерес на граѓаните и работниците.

Предлог измените на законот за минималната плата по скратена постапка го мина Собранискиот филтер. Социјалниот дијалог во нашето општество е реалност, а потврда за тоа е дека најважните одлуки ги носиме заеднички и во интерес на граѓаните и работниците, рече пред пратениците министерката Тренческа. Како што појасни, со предлог измените се менуваат и критериумите за годишно усогласување на минималната плата со 50% од годишниот раст на платата и 50% од растот на трошоците. Дополнително Министерката најави државна помош за работодавачите.

Пратениците од „Левица“ го повлекоа нивниот предлог за измени на Законот за минимална плата.

Од ВМРО-ДПМНЕ соопштија дека даваат поддршка за зголемувањето на минималната плата, но со амандманска интервенција во законот бараат почитување на колективните договори и коефициентите на сложеност на работните места за вработените во јавниот сектор.

Од СДСМ велат дека во изминатите 5 години успеале двојно да ја зголемат минималната плата, која од 9000 пораснала на 18.000 денари. Според партијата тоа е доказ дека се вреднува трудот на работниците и се унапредува нивниот стандард.

Од СДСМ велат дека течат преговорите со сите социјални партнери. Минималната плата се зголеми како резултат на договор постигнат меѓу синдикатот, работодавачите и Владата. Наместо досегашните 15200 денари, работниците ќе добиваат плата од 18 илјади денари.

Викторија Милевска