Одбиен предлогот на ВМРО-ДПМНЕ за укинување на „пржинската влада“
На пленарката не помина ниту барањето на ВМРО-ДПМНЕ да се донесе декларација за Гоце Делчев, во година кога се одбележуваат 150 години од неговото раѓање.
Во Собранието не помина предлогот на ВМРО-ДПМНЕ за измени на законот за Влада по скратена постапка, односно барањето за укинување на пржинската Влада. 32 гласови беа „За“ а 55 „против“. Најголемата опозициска партија побара бришење на одредбите кои се однесуваат на техничката Влада, 100 дена пред избори. Претходно, владејачкото мнозинство начелно се изјасни дека е за укинување на техничката влада, но дека тоа треба да се направи со консензус на сите партии. Против предлогот се од опозициската Алијанса за Албанците. ВМРО-ДПМНЕ барањето го врзуваше и со предвремени парламентарни избори.
Спикерот Џафери побара прво консензус меѓу 4-те најголеми парламентарни партии и потпис од координаторите, по истиот принцип како што беше донесен по преговорите од Пржино.
Одредбите за функционирањето на техничката Влада во законот беа внесени пред предвремените избори во 2016-та. На пленарката не помина ниту барањето на ВМРО-ДПМНЕ да се донесе декларација за Гоце Делчев, во година кога се одбележуваат 150 години од неговото раѓање. Краткото образложение од спикерот Џафери беше дека деловнички нема услови за тоа, бидејќи документот не бил поделен на пратениците.
Милчо Велески
