Мадриѓани и парижани имаат јасен поглед кон полуфиналето!
Францускиот шампион го совлада Челзи затоашто имаше голема помош од одбраната на „сините“. Тежината на триумфот на ПСЖ е поголема затоа што е остварен речиси без главниот играч Ибрахимовиќ кој и додека беше на теренот беше невидлив, а поради повреда во 70-та минута беше заменет...

Пари Сен Жермен беше поумешен од Челзи и со домашните 3:1 му се доближи на второ елитно полуфинале во клупската историја, но возвратниот меч ќе биде се само не формалност. Реал Мадрид пак, во моментов е за класа подобар од Борусија Дортмунд и ќе биде чудо да не им се равншира на „милионерите“ за ланската полуфинална елиминација без разлика што и по сигурните 3:0 во „кралскиот клуб“ се претпазливи.
Францускиот шампион го совлада Челзи затоашто имаше голема помош од одбраната на „сините“. Тежината на триумфот на ПСЖ е поголема затоа што е остварен речиси без главниот играч Ибрахимовиќ кој и додека беше на теренот беше невидлив, а поради повреда во 70-та минута беше заменет.
„Морам да бидам искрен дека превнимателно го подготвував натпреварот плашејќи се од контранападите на Челзи. Во второто полувреме моите фудбалери одиграа како што посакувам. Бевме доминантни на средината на теренот и го контролиравме дуелот. Имаме добар резултат, но ништо не е готово. Не чека пеколно тежок натпревар во Лондон кадешто се е можно, но ние сме подготвени за предизвикот“, беше претпазлив тренерот на ПСЖ, Блан особено што во реваншот ќе биде без популарниот Ибра кој најверојатно поради повредата на задната ложа ќе мора да паузира околу две недели.
„Игравме против силна екипа, со одлични напаѓачи, но тие не ни дадоа голови. Грешевме на позициите кадешто моите фудбалери играат одлично цела сезона, но и тие имаат право некогаш да згрешат затоа што има такви што грешат цела сезона. Ќе биде тешко, но не и невозможно во реваншот. Тие можат да постигнат и случаен гол, а ние мораме да дадеме се од себе“, изјави разочараниот менаџер на Челзи, Мурињо.
Прва цел сезонава на Реал е десетата титула во Лигата на шампионите, па не чуди што со голема агресивност и мотив фудбалерите на „кралскиот клуб“ го одиграа и го добија дуелот на „Сантијаго Бернабеу“ против Борусија. За комплетна одмазда за ланската елиминација во полуфиналето ќе го почекаат реваншот во Дортмунд. Без Левандовски, Суботиќ, Бендер и Шмелцер, Борусија не можеше да му парира на Реал, па и имаше среќа затоашто расположен беше голманот Вајденфелер.
Незадржливиот Кристијано Роналдо засега само го израмни постигнувањето на Меси и на Алтафини, но многу веројатно е дека брзо ќе биде рекордер по бројот на голови во една сезона во елитното натпреварување. Тројцата постигнаа по 14 погодоци, со тоа што на фудбалерот на Барселона Меси пред три години му беа потребни 11 натпревари, а на некогашниот играч на Милан, Алтафини девет дуели во сезоната 1962/1963-та. До оваа бројка Португалецот стигна на осум натпревари постигнувајќи во просек гол на секои педесет минути. Во текот на мечот со Борусија, Кристијано Роналдо доби силен удар во коленото, па беше заменет, но ќе биде подготвен за дуелот на „Вестефален“, а за секој слулчај постои можност да го пропушти натпреварот од шпанското првенство против Реал Сосиедад.
„Презадоволен сум како одигравме. Знаевме дека Борусија е опасна од противнапади и ги спречивме во таа намера со пресинг на нивната последна линија. Во второто полувреме малку застанавме, но беше паметно да се сочува силата за некои други предизвици“, изјави стратегот на Реал, Анчелоти.
„Резултатот е одличен особено што не примивме гол. Ја заслуживме оваа висока победа и таа е вистински одраз на она што се случуваше на теренот. Сепак, минатата година никој не веруваше дека Реал може да загуби со 4:1 во Дортмунд, па тој резултат не тера да бидеме внимателни“, рече стрелецот на вториот гол за Реал, Иско.
Реванш натпреварите и во двете пресметки ќе се одиграат на 8 април.
