Ковид-19

Слаб интерес за вакцинирање против Ковид-19

10.02.2022 15:02

Ако на почетокот имало трка кој прв ќе стигне до вакцина и се реализираа по 1600 боцкања дневно, сега бројката е сведена на едвај 300.

Стагнира вакцинација против Ковид – 19. Пример за ова е пунктот во поликлиниката Букурешт. Таму интересот е значително опаднат. Ако на почетокот имало трка кој прв ќе стигне до вакцина и се реализираа по 1600 боцкања дневно, сега бројката е сведена на едвај 300. Пензионерите и студентите се најчести посетители. Возрасните за трета доза, помладите за прва – која им е неопходна за студирање и патување во странство.

Оние коишто се вакцинираа силно веруваат во моќта на вакцината да ги заштити од тешки компликации на болеста и смрт.

Професорот Пановски смета дека нискиот опфат на вакцинација од 41 насто од вкупното население се должи на отсуството на промоција на вакцините од стручни лица со научни аргументи и споредбени студии. Докторот вели дека психолозите треба да одлучат како да му пристапат на Балканскиот народ кој по природа е инаетлив.

Микробиологот препорачува укинување на сертификатите зашто смета дека немаат медицинска оправданост.

Анита Д. Велковска