Македонија

КСС бара усогласување на платите со минималната и почитување на колективните договори

11.02.2022 14:41

Прашањето, според синдикатот, треба да се реши до 15 март и да се направи ребаланс на буџетот затоа што се работи за поголема сума на пари што треба да бидат одвоени.

Усогласување на другите плати со минималната плата до средината на март бара Конфедерацијата на слободни синдикати. Доколку не се направи вакво усогласување, велат од синдикатот, ќе има ситуации во кои неколку позиции различни по коефициент на сложеност ќе бидат изедначени. Според нив во јавниот сектор не се почитуваат законите и колективните договори поради што вработени земаат основна плата под минималната, а не се зема ниту соодветна плата според коефициентот на сложеност.

Велат дека во вторникот, веднаш по седницата на економско-социјалниот совет, испратиле допис до премиерот Ковачевски и побарале средба за решавање на овој проблем, но дека досега немаат никаков одговор. Членството на синдикатот, како што истакна, секојдневно врши притисок и бара радикализација на идните чекори.

Минималната плата, според премиерот Ковачевски, е историски исчекор, бидејќи, како што рече, покрај тоа што платата е зголемена на 18 илјади денари, воведена е и нова методологија којашто гарантира одржливост и континуиран раст на минималната плата сразмерно со покачувањето на продуктивноста на трудот.

Прашањето, според синдикатот, треба да се реши до 15 март и да се направи ребаланс на буџетот затоа што се работи за поголема сума на пари што треба да бидат одвоени.

Ана Ј. Тодоровска