Политика

Повеќе мудрост, помалку емоции во решавањето на прашањето со Бугарија

14.02.2022 10:23

Поголема мудрост, помалку емоции за решение на процесот – шефот на дипломатијата Османи реферираше за последните случувања во односите со Бугарија. Ние инсистираме на преговарачката рамка предложена од Европската унија за идентитетските прашања, за другата страна, најважно е прашањето за бугарската заедница во земјава, вели Османи...

Преку дијалог во комисиите до решавање на отворените прашања со Бугарија, а не преку политиканство и собирање поени. На ваков развој на разговорите со Софија инсистира министерот за надворешни, Османи. Не сака да ги коментира провокативните изјави на бугарските политичари. Вели- за нас е најважно идентитетското прашање, за Бугарите самоопределувањето, говорот на омраза, рехабилитацијата на жртвите од комунизмот. За немешањето во внатрешните работи на соседот, Османи се повикува на потпишани договори од ’99-та.

Шефот на дипломатијата инсистира политичарите да не ги коментираат ставовите на Историската комисија бидејќи тоа може да му наштети на целиот процес. На последниот состанок биле разгледани позициите на двете страни на секоја од точките за да може тоа што е испратено писмено да се образложи. Нова средба е закажана за 20-ти месецов.

Османи посочува дека крајната цел е влез на земјава во Европската унија. Разговорите со Бугарија треба да продолжат без задршка, со почитување едни со други. Ми пречи кога наместо во Скопје, тие што се декларираат како Бугари одат во Софија, наместо во македонските институции да ги решаваат своите права, категоричен првиот дипломат.

 

Миле Ристески