Македонија

Се празнува Свети Трифун, денеска се закројува лозјето

14.02.2022 11:04

Во повеќето краишта на Македонија, на денот на Свети Трифун рано наутро се одело в црква кадешто после молитвата се осветувала вода. Луѓето со оваа вода потоа ги прскале лозјата.

Православните верници го слават христијанскиот празник Свети Трифун. Овој голем црковен празник се празнува и како ден на виното. Традиционално, на 14-ти февруари се врши обредното закројување на лозјето, а некои овој ден го сметаат за последен од зимските и за прв од пролетните празници.

Во повеќето краишта на Македонија, на денот на Свети Трифун рано наутро се одело в црква кадешто после молитвата се осветувала вода. Луѓето со оваа вода потоа ги прскале лозјата.

Во Тиквешкиот регион, рано наутро, лозарите оделе во лозјето, каде закројувале неколку лози кои ги полевале со вино, а потоа ги благословувале со зборовите: „Господе, ти давам едно шише со вино за илјада да ни подариш“. Во Ваташа, пак, лозарите се тркалале низ лозјето за така да се тркалаат и бочвите со вино.

Во некои краишта на земјава, како што се Охрид и Прилеп, празникот е познат и како свети Трипун (или Трипун- пијаница). Како што забележале собирачите на македонските народни умотворби, но и на народните обичаи и верувања, тој бил покровител на меанџискиот еснаф, но и заштитник на лозарите и градинарите. Се верувало дека тој ги штити лозјата и градините од разни штети и несреќи.