Украинска криза

Киев бара состанок со Русија во следните 48 часа

14.02.2022 11:50

Групата седум најразвиени се закани со економски и финансиски санкции кон Москва доколку Кремљ нареди какви било агресивни потези кон Украина.

По неколкумесечни тензии и предупредувања за конфликт, ќор-сокакот околу Украина во критичен пресврт. Киев бара состанок со Русија во следните 48 часа. Групата седум најразвиени се закани со економски и финансиски санкции кон Москва доколку Кремљ нареди какви било агресивни потези кон Украина. И покрај жестоката реторика, жителите на Киев велат дека се чувствуваат смирено, но подготвени се на се!

„Не мислам дека ќе има сериозен воен конфликт. Мислам дека најверојатно ќе има некаква економска блокада“, вели Тарас Кутс жител на Киев

„Во одреден момент, да, се плашиме. Но, повеќето луѓе остануваат смирени и се обидуваат да го живеат животот со различни сценарија, можеби да се преселат некаде на друго место“, вели Катерина жител на Киев

САД најавија ќе го активираат членот 5 од договорот на НАТО во случај на погрешна руска процена. Советникот за национална безбедност во Белата куќа истакна дека зголемувањето на руски сили околу Украина укажува дека претседателот Путин може да даде наредба за воена акција.

„Дипломатијата на САД е сè уште отворена и достапна. Но, ако Русија реши да се движи, ние сме подготвени да одговориме. Како што рече и претседателот, ќе продолжиме да ја поддржуваме Украина. Ние веруваме дека голема воена акција може да се случи. Овие оценки доаѓаат од различни извори и не само од разузнавањето, туку и од она што го гледаме на терен“, изјави Џејк Саливан советник за национална безбедност во Белата куќа

Германскиот канцелар Шолц кој се соочува со критики дома за ставот кон Украина замина за Киев како продолжение на западните дипломатски напори за смирување на тензиите. По киев, тој утре ќе замине за Москва.

„Шолц мора да пренесе многу јасна порака во Москва, а тоа е дека има договор и единство во западната алијанса. Колебливоста на Шолц природно доведе до ситуација кога навистина не знаеме што всушност сакаат германците“, вели Маркус Зинер соработник на германскиот Маршалов фонд

Русија негира какви било планови за инвазија на Украина и покрај трупањето над 100.000 војници на границата. Руските воени вежби со Белорусија за неколку дена треба да завршат.

Маријана Димовска