Почна скринингот на населението
Тројца заразени со новата подваријанта на Омикрон, позната како „Стелт“. Двајца се од Скопје, еден од Струмица. Во државава сѐ уште циркулира и Делта варијантата. Од денес почна скринингот по случаен избор со кој треба да се утврди колкав процент од населението по природен пат се стекнало со имунитет кон коронавирусот...

Наместо кафе со колешките, на паузата од работа во ред за боцкање. 55- годишната Соња Младеновиќ трпеливо чекаше да седне пред медицинското лице. Таа е една од 200-те граѓани кои дадоа крв за да дознаат дали имаат антитела против Ковид-19. Соња е вакцинирана со три дози, но не се заразила дури ни кога нејзините две ќерки биле инфицирани. Информацијата дали има антитела ќе ја смири.
За неколку секунди – работата е завршена, а Соња им се врати на работните обврски. Заедно со останатите 199 случајни минувачи кои дадоа крв за истата намена ќе ги чекаат резултатите. Доктор Арсов од Институтот за имунологија вели дека овој скрининг ќе даде појасна слика за колективниот имунитет и развојот на вирусот.
Лани, речиси во ист период беше направен првиот скрининг, а од Институтот велат дека по појавувањето на различните соеви и потврдата за случеви и со Стелт Омикрон, здравството ќе можат да споредат и да прават стратегии за заштита.
Околу две недели се потребни за обработка на податоците, кога ќе се знае моменталната состојба. Минатогодишниот серолошки скрининг покажа дека 30% од испитаниците биле серопозитивни, односно имале некаков имунитет, кој се должел исклучиво на прележаната болест.
Катерина Топалова
