Долгорочни придобивки и сигурна заштита на имотот со „Европа Ре“

03.04.2014 13:34

Овој регионален проект обезбедува долгорочни придобивки и сигурна финансиска заштита на имотот на граѓаните, бизнис секторот и земјоделците...

Со промоција на првиот уникатен производ за осигурување од земјотрес во Македонија почна да функцинира новата осигурителна регионална комапанија „Европа Ре“ со седиште во Швајцарија, специјализирана за реосигурување полиси од временски непогоди.

Главни акционери се владите на Македонија, Србија и Албанија, а формирана е и поддржана од Светската банка, Швајцарската организација за економска соработка, Глобалното партнерство за заштита на животната средина, ЕУ и ОН.

„Покрај постојаните вложувања во јакнење на системот за управување со кризи, одлучивме да  вложиме конкретни средства во износ од 5 милиони американски долари, поволен заем од Светска банка што ќе се искористи за еден нов систем на осигурување и реосигурување на имотот на бизнисите во Македонија“, соопшти вицепремиерот и министер за финансии, Зоран Ставрески.

Според Ставрески, овој регионален проект обезбедува долгорочни придобивки и сигурна финансиска заштита на имотот на граѓаните, бизнис секторот и земјоделците, но и можност средствата од буџетот што се одвојуваат за штети од елементарни непогоди да се заштедат и пренаменат во изградба на нови инфраструктурни објекти.

Новите иновативни осигурителни производи ќе се продаваат преку постојаните локални осигурителни компании кои ќе учествуваат во „Европа Ре“ програмата.

Покрај осигурувањето од земјотрес, наскоро е најавена промоција на нов осигурителен производ од поплави, како и осигурување за земјоделските посеви.