Судство

Трајановски сведочеше во „Плацеви на Водно“

14.02.2022 15:30

Продолжи сослушувањето на сведоци за случајот „Плацеви на Водно“. Поранешниот градоначалник на Скопје, Коце Трајановски рече дека Никола Груевски, ниту од него ниту преку друго лице не побарал урбанизација на парцели...

Местото викано Шербетица на Водно не му е познато. Ниту пак поранешниот негов шеф Грувески му кажал дека има плацови на Водно или станови на Бихаќка, рече пред судот екс- градоначалникот на Скопје, Коце Трајановски. Тој додаде дека Груевски не побарал од него или преку друго лице урбанизација на парцели на Водно.

Обвинителката Лиле Стефанова, го праша дали претходно во ОЈО Скопје, бил сослушан како обвинет за донесениот ГУП. Со образложение дека на овој начин Обвинителството сака да го исплаши сведокот, реагираше одбраната на обвинетиот.

Поранешниот советник во Советот на Град Скопје, од ВМРО-ДПМНЕ, Александар Бичиклиски, ја појасни процедурата на носење на ГУП-от за Град Скопје. Рече дека ниту Груевски, ниту пак некој друг во државата ми сугерирал како да гласа за носење на ГУП-от во 2012-та година.

Според обвинението, поранешниот премиер Груевски е обвинет за делата „перење пари и за противправно стекнување и прикривање на имот“.  Други обвинети се неговиот кум, Новачевски, бизнисмените Јосифовиќ и Камчеви и Мијалков. Следното рочиште е закажано за 18-ти месецов.

Фиљана Кока