Ловство

Продолжен рокот за лов на диви свињи

15.02.2022 08:08

Сезоната за ловење на дивата свиња се продолжува до 31-ви март под посебни услови и во дозволени региони. Ваквата мерка се воведува за да се спречи ширењето на болеста африканска свинска чума. Ловот мора да биде контролиран и да се организира во голема група од најмалку 10 ловци.

Продолжувањето на периодот на ловење на дивата свиња е за да се спречи ширење на болеста африканска чума кај свињите. Отстрелот ќе може да се врши до 31-ви март под посебни услови. Забрането е застрелување на спрасните диви свињи и на женски грла кои имаат мали прасиња.

Ловот мора да биде контролиран и во големи групи, со не помалку од 10 учесници. Задолжително е присуство на ловочувар, а уловениот дивеч мора да се носи на едно, однапред одредено место. Ветеринарниот инспектор или ветеринар треба да земе примероци за анализа од секоја застрелана единка.

Од министерството велат дека состојбата со оваа болест внимателно се следи со сите потребни мерки за навремено спречување и санирање на можните последици од оваа зараза.

Болеста африканска свинска чума воопшто не опасна за човекот. За ова вирусно заболување на свињите нема ниту лек ниту вакцина и единствен начин за спречување на ширењето е брзо уништување на сите свињи во радиус од три и од десет километри од појавата на жариштето.

Првиот случај на оваа болест кај нас беше регистриран на 6 јануари во село Драмче делчевско каде што беа убиени 268 свињи во 45 помали фарми.

Методија Трајков