Активни 9.699 ковид- случаи во земјава
Вкупната бројка на дијагностицирани со Ковид-19 во земјава надмина 287 илјади...
Во државава има 9.699 активни случаи со Ковид-19. Најголем број од нив се во Скопје (5.467). Над 400 активни имаат Битола (459), Куманово (412) и Тетово (400), над 300 имаат Кавадарци (384) и Прилеп (336). Вкупната бројка на дијагностицирани со Ковид-19 во земјава надмина 287 илјади.
Според последниот ковид билтен, од направени 1.707 тестови, регистрирани се 465 нови случаи на Ковид-19. Битката со вирусот ја загубиле 20 пациенти. Од пријавените сите се починати во болнички услови. Дополнително е пријавено едно лице од Ресен починато во домашни услови.
Вчера во Скопје почна тестирањето по случаен избор за да се добијат податоци колку населението има стекнат имунитет на Ковид-19 од вакцинација или од прележана болест. Деновиве ќе продолжи и на други локации, кои не се откриваат за да бидат тестирани случајни минувачи кои ќе се согласат да дадат примерок од крв за определување антитела.
Серолошката Ковид-анализа засега ќе се реализира само во главниот град и ќе опфати илјада испитаници, но скринингот ќе се прошири и на уште две до три илјади граѓани од други градови низ целата државата во соработка со центрите за јавно здравје и со трансфузиолошките служби.
